Зендели: Ако и тука имаше ВАР судијата сам ќе си видеше дека нема пенал!

Капитенот на Шкупи, Суат Зендели смета дека македонскиот тим оштетен се враќа од Глазгов по првиот натпревар од 1. квалификациско коло за Лигата на Европа.

Шкупи загуби со 2-0 од Глазгов Ренџерс благодарение и на вториот погодок кој дојде од сомнителен пенал буквално во последните секунди од мечот…

„Ако и тука се применуваше ВАР системот сигурен сум дека судија и сам ќе се увереше дека немаше пенал. Мислам дека судијата погреши што на таков начин, во круцијален момент за еден меч, досуди пенал во последните секунди и тоа откако претходно и неколку секунди размислуваше дали да покаже или не на белата точка“ – рече по мечот Зендели.

Но, голманот на Шкупи нагласува дека како професионалци на реваншот во Скопје до крај ќе се борат за триумф против големиот фаворит…

„Како и да е, во Глазгов наидовме на една извонредна атмосфера и со нетрпение го чекаме и реваншот во Скопје каде пред нашите навивачи гостите се надевам ќе ги дочекаме во иста атмосфера. Без разлика на овој резултат, ние сме професионалци размислуваме позитивно и сигурно максимално ќе се надигруваме на реваншот да дојдеме до победа“ – вели Зендели.

Се вчитува...