Жалгирис „потона“ и против Барса, Басконија го освои Истанбул

Резултатската криза на Жалгирис се продлабочи по денешниот нов пораз во Евролигата, петти во низа за литванскиот состав откако во драматична завршница загуби од Барселона со 80-85. Кошаркарите пред една седмица го спасија тренерот Максвитис од отказ, но по двата неуспеси од тој момент (најпрвин на гостински терен со Фенербахче, а потоа и денеска дома со Барса), тешко е да се поверува дека овој стручњак ќе остане на чело на Жалгирис и во новата година.

Денешниот дуел беше преполн со пресврти, во првото полувреме беа постигнати дури 107 поени (51-56), за во вториот дел да падне нивото во напад. Жалгирис имаше 80-77 на повеќе од две минути до крајот, но домаќините не успеаја да постигнат кош до крајот на мечот, а Барса го искористи тоа и стигна до победата. Лапровитола со 18 и Весели со 15 поени беа најефикасни во таборот на Барселона, додека кај Жалгирис потфрли најдобриот кошаркар Кинан Еванс, со 13 поени и шут од поле 4/11, воедно и неколку промашени обиди во клучните моменти од натпреварот.

Басконија ја прекина серијата од два порази во Евролигата откако шпанскиот тим славеше во Истанбул над Анадолу Ефес со 80-87. Клучна беше последната четвртина во која гостите од Шпанија заиграа извонредно во нападот, постигнаа 30 поени вртејќи го резултатот во своја полза и стигнувајќи до победата. Хауард беше најефикасен во победничкиот тим со 28 поени, но најдобар кошаркар на теренот беше Милер Мекинтаер со извонредни 14 поени, 10 асистенции и девет скока. Ларкин со 23 поени и пет асистенции беше единствениот расположен кошаркар за игра во таборот на Ефес.

Се вчитува...