Жарко Пешевски во „украински“ ритам : Тешко беше на почеток, овде нема ниеден Балканец

Нов предизвик во новата средина стои пред македонскиот репрезентативен пикер, Жарко Пешевски кој летово од Металург се пресели во украинскиот Мотор Запорожје. За Пешевски ова е прво интернационално искуство, но како што вели, по еден месец поминат во Украина, полека веќе влегува во ритам со новиот тим.

„Тешко беше на почетокот, нова средина, јазикот посебно ми беше проблем. Нема ниту еден Балканец овде…Но и тоа помина, сега е многу подобро. Бев пријатно изненаден и уште од првиот момент, најкоректно прифатен во клубот. Како што поминуваа деновите и натпреварите, беше се подобро и подобро“ – вели Жарко Пешевски за своите први искуства во Украина.

Во подготовките пред стартот на новата сезона во која Мотор Запорожје го очекува настапот во Лигата на шампионите и одбрана на шампионската титула на домашен терен, украинскиот тим одигра серија контролни натпревари во Германија и во Полска. Својот прв настап во дресот на Мотор Запрожје, Пешевски го запиша во контролниот натпревар против Гепинген (26-41), а првата победа ја прослави против Лудвигсхафен (34-30). Потоа следуваше настап на турнирот „Волф Куп“ во Германија на кој Мотор го освои пехарот. А, последната проверка беше настапот на Шчипиорно Куп во Полска и финале со Кјелце (33-26) во кое Пешевски постигна пет гола и беше еден од водечките играчи во украинскиот тим.

„Поминавме тешки подготовки, одигравме осум контролни натпревари, сега имаме уште три во Запорожје, па после доаѓа Супер купот…Но, веќе влеговме во ритам. Имаме пред се добар тренеркој бара многу од секој од нас. Сите сме професионалци, одработуваме максимално и се надевам дека со малку среќа, без повреди, ќе имаме добра сезона“ – истакнува Пешевски.

Мотор Запорожје наредниве денови го очекува уште една силна проверка на домашниот „Днепар Куп“ (24-26август) на кој ќе настапат СКА Минск, ПИК Сегед и Кјелце, а потоа и настапот во украинскиот Супер Куп.

Во новата сезона во ЛШ, Пешевски со Мотор Запорожје ќе игра во групата Б со ПСЖ, ПИК Сегед, Фленсбург, Скјерн, ППД Загреб, Целје и Нант, а стартот ќе им биде на гостувањето во Париз против ПСЖ.

Се вчитува...