Ждрепка за клупскиот Мундијал: Најлесна група за Меси, Реал против најдобриот тим од Саудиска Арабија

Вечерва и официјално беше извршена ждрепката за групната фаза од клупскиот Мундијал, ново натпреварување што под капата на ФИФА за првпат ќе се одржи следното лето во САД, како увертира за Мундијалот закажан за 2026 година на северноамериканскиот континент.

Вкупно 32 екипи од сите континенти беа поделени во осум групи од по четири, а меѓу учесниците според рангирањето на ФИФА не се најде место за гиганти како Барелона, Ливерпул, Милан, Манчестер Јунајтед…

Домаќин на клупскиот мундијал ќе биде Интер Мајами на Лео Меси, а американскиот тим ја доби и најлесната група, па за пласман во следната фаза ќе се бори со Порто, бразилски Палмеираш и со Ал Ахли од Египет.

Реал Мадрид за ривал во групата Х ќе го има Ал Хилал, тимот што доминира во силната лига на Саудиска Арабија, а дел од оваа група се уште и Пачука од Мексико и Салцбург.

Манчестер Сити и Јувентус се заедно во групата Г заедно со Видад и со Ал Аин, а најмалку атрактивна на прв поглед делува групата Ф, каде се наоѓаат Борусија Дортмунд, Флуминенсе, Улсан и Мамелоди сандаунс.

Се вчитува...