Жестока одмазда на „панцирите“: Убедлив пораз од моќната Германија

Македонската репрезентација загуби од моќната Германија во Скопје со 0-4 во 8. коло од Групата Ј, со што значително ги намали шансите за второто место во групата во квалификациите за СП 2022, посебно и по триумфот на Романија над Ерменија од 1-0 во Букурешт.

Германија ја презеде иницијативата од самиот старт на мечот, но низ првите 15 минути од играта еднаков број полуможности на двете страни. Николов во 8. минута имаше обид од свртување од 15 метри но непрецизно, а за малку непрецизен беше и обидот на Дарко Велковски со глава по корнерот на Елмас во 15. минута.

Клучниот момент во првиот дел, сепак, беше повредата на Аријан Адеми во 22. минута. Еден од најдобрите македонски фудбалери беше повреден при дуел со Хаверц, по што за жал мораше да ја напушти играта.

Во 25. минута одличен обид имаше Гнабри од 18 метри, но Димитриевски извонредно одбрани. По корнерот и Вернер се најде во одлична шанса, но Димитриевски повторно брани на самата гол-линија. Веќе во следните секунди одлична акција на македонската репрезентација. Јаховиќ од лево го пронајде Елмас на вториот дирек, но неговиот шут од околу 15 метри Нојер го брани.

Тимо Вернер во 32. минута имаше одлична шанса, но извонредниот Столе Димитриевски со нова одбрана не дозволи погодок за гостите. Во супер-динамичен фудбал и Елмас на спротивната страна има убав обид од 15 метри, но блокиран неговиот шут.

Во втората минута од судиското продолжение Тимо Вернер ја имаше најголемата шанса за Германија но дирекот го спаси голот на Македонија за 0-0 по првите 45 минути.

 

И тоа што не го реализираа Германците во првото полувреме, им успеа веднаш на стартот од второто полувреме. Во брз контранапад во 50. минута Германија дојде до водство од 0-1 со погодокот на Хаверц.

По играта меѓу два гола во следните 20 минути, во 70. минута Тимо Вернер погодува за 0-2 на асистенција на Милер. Во 73. минута веќе и 0-3 за Германците со вториот погодок за Вернер, а во 83. минута Мусиала заокружи за конечни 0-4 и одмазда за оној пораз од 1-2 во Дуизбург во март.

МАКЕДОНИЈА – ГЕРМАНИЈА 0-4 (0-0)
Национална арена „Тодор Проески“. Главен судија: Дани Меккели. Стрелци: Хаверц 50′, Вернер 70′, 73′, Мусиала 83′ (Г). Ж. картони: Ристовски (М) – Хаверц (Г).
МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Ристовски (77′ Ашковски), Муслиу, Велковски, Алиоски, Адеми (29′ Спировски), Николов (58′ Ракип), Костадинов (77′ К. Ристевски), Елмас, Чурлинов, Јаховиќ (58′ Миовски)
Селектор: Благоја Милевски
ГЕРМАНИЈА: Нојер, Клостерман, Суле, Керер, Раум, Горецка (61′ Вирц), Кимих, Гнабри (74′ Хофман), Милер, Хаверц (61′ Адејеми), Вернер (74′ Мусиала)
Селектор: Ханси Флик

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2022 – ГРУПА Ј (8. коло)
МАКЕДОНИЈА – Германија 0-4
Исланд – Лихтенштајн 4-0
Романија – Ерменија 1-0

Се вчитува...