„Животот пишува романи“ – Реал Мадрид ќе го предизвика Ливерпул во финалето во ЛШ (ВИДЕО)

Реал Мадрид ќе го предизвика Ливерпул во финалето во годинашната сезона во Лигата на шампионите. Шпанскиот шампион вечерва иако повторно беше отпишан во луд натпревар успеа да се спаси од бездната и на крајот да стигне до победа од 3-1 со која си резервираше нов натпревар за „ушкото“.

Прв убава шанса имаше Бернардо Силва чиј удар во 20. минута беше сопрен од голманот на „кралевите“, Тибо Куртоа. Првата поопасна шанса домаќините ја имаа преку Крос кој од слободен биеше добро. До крајот на првиот дел и двата тима имаа мини шанси кои не ги искористија, а на полувреме одиме со почетните 0-0. Доколку остане овој резултат Манчестер сити ќе го предизвика Ливерпул во големото финале.

Потегот на првото полувреме го имаше дефанзивецот на „граѓаните“, Емерик Лапорт. По стартот на Касемиро над Де Брујне, дојде до мало „кошкање“ меѓу играчите на двата тима. Лапорт тргна кон Модриќ на кого му удри шамар, а во истиот момент падна како да го нокаутирал Мајк Тајсон.

На стартот на вториот дел, Винициус џуниор веројатно ја имаше шансата на натпреварот. На додавање на Карвахал не успеа да го совлада голманот на гостите Едерсон, од сто отстотна шанса. Двата тима играа тврдо и без многу шанси се до 73. минута кога Ријад Махрез донесе водство за „граѓаните“ од 0-1. И кога сите мислеа дека сити е вториот финалист, на сцена стапи Родриго кој со два гола во 90. и 92. минута донесе водство за „кралевите“ од 2-1 и го одведе натпреварот во продолженија.

На стартот на продолженијата Карим Бензема во 94. минута од пенал донесе водство за домаќините од 3-1.

Финалниот натпревар меѓу Реал Мадрид и Ливерпул ќе се игра на 28. мај на „Стад де франс“ во Париз.

 

 

 

 

Се вчитува...