ЖКК Бадел во Скопје ќе одигра тест дуел со германски ПОСТ Нирнберг

ЖКК „Бадел 1862“ од Кисела Вода оваа недела е домаќин на женскиот кошаркарски клуб ПОСТ Нирнберг од Германија.

„Ова е возвратна посета од страна на кошаркарките од Нирнберг, по престојот на нашите девојки на гости кај нив, минатата година, кога воспоставивме одлични односи помеѓу двата клуба. Ние правиме се да им возвратиме на нивната гостопримливост. За време на престојот на германскиот тим во Скопје, ќе се реализира богата програма. Девојките заеднички ќе тренираат, ќе разменуваат искуства, а ние како домаќини ќе им овозможиме и културно историски разглед на нашиот град. Во оваа прилика би сакале да искажеме јавна благодарност до градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов и градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски за дадената помош за организација и реализација на програмата“ – вели Љупчо Павловски, тим менаџер на ЖКК „Бадел 1862.

Во рамки на долгогодишната соработка на збратимените градови, Нирнберг и Скопје, денеска градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов ќе се сретне со кошаркарките на клубовите од Германија и Кисела Вода.

Девојките од двата клуба првиот заеднички тренинг го одржаа во Кисела Вода. Следниве денови тие ќе тренираат на планината Водно, ќе го посетат кањонот Матка, а планирано е  во Скопје да проследат и дел од натпреварите на Европското првенство во женска кошарка, А дивизија, за девојки под 16 години. Покрај ова, на крај од посетата, на 30.август, во петок, со почеток во 11 часот, во спортската сала „Независна Македонија“ ќе се одигра пријателски натпревар помеѓу двете екипи. Влезот за љубителите на женската кошарка ќе биде бесплатен.

Се вчитува...