Жота влезе, Ливерпул го растури Арсенал

Ливерпул со фуриозна игра во второто полувреме го скрши отпорот на Арсенал, декласирајќи ги „топчиите“ среде Лондон со 0-3, меч на кој повторно во тимот на Јирген Клоп блескаше Диого Жота. Актуелниот првак доминираше и во првото полувреме, но не успеа да создаде стопроцентна шанса за гол пред голот на Лено. Ситуацијата се промени кога Жота влезе во игра на местото на Робертсон, па Ливерпул тргна во офанзива, со Салах, Мане, Фирмино и Жота во исто време на теренот.

Ваквиот пристап веднаш води со плод, па португалскиот ас го отвори резултатот со прецизен удар со глава по центаршутот на Александер Арнолд. На 0-2 зголеми Мохамед Салах, а третиот гол на Ливерпул повторно беше дело на Жота, по акцијата на Салах и Мане.

Со денешниот триумф „црвените“ се приближија на само два бода заостанување зад Челси во трката за четвртото место на табелата.

Се вчитува...