„Журнал“: Дарко Станиќ една година во Вардар

Дарко Станиќ и дефинитивно ќе биде наследникот на Арпад Штербик на голот на Вардар, откако ги договорил условите за соработка со „црвено-црните“. Името на екс-голманот на Металург се поврзуваше со „вардарци“ веќе извесно време, за српскиот весник „Спортски Журнал“ во своето денешно издание да објави дека трансферот е веќе договорен, а Станиќ потпишал едногодишен договор.

Во ситуација кога Арпад Штербик потпиша со Веспрем „вардарци“ беа поврзувани со бројни имиња. Голем дел од нив ги одбија „црвено-црните“ и потпишаа договори со други екипи, но Станиќ, кој и приватно е добар пријател со Сергеј Самсоненко, ја прифати понудата и на крајот од сезонава ќе се врати во Скопје, каде имаше извонредни настапи во дресот на Металург. Ова би значело и дека Вардар во следната сезона ќе има српски голмански тандем, ако се земе во предвид дека и Страхиња Милиќ ќе остане дел од „црвено-црното семејство“. Останува да се види во каква форма ќе биде српскиот ветеран, кој веќе подолго време е надвор од натпреварувачки ритам, а последниот ангажман го имаше во Катар.

Само за потсетување, Вардар покрај Штербик го напуштаат и тренерот Раул Гонзалес (ПСЖ), главниот плејмејкер Лука Циндриќ (Кјелце) и пивотот Мијајло Марсениќ (Фуксе Берлин). Пред заминување се наоѓа и Илија Абутовиќ, кој е најблизу до Рајн-Некар Левен, како и Хорхе Македа, за чии услуги се интересира Пик Сегед.

Буџетот на „вардарци“ за наредната сезона дефинитивно ќе биде намален, што придонесува да не се преговара со ракометни „ѕвезди“, туку фокусот да биде на ракометари од Русија, па така веќе се почнати преговори со десниот бек на Санкт Петербург, Дмитри Кисељев и левиот бек на Чеховски медведи, Дмитри Санталов.

Се вчитува...