Зидан: Ќе се бориме до последен здив, сè може да се промени до крајот на сезоната

Тренерот на Реал Мадрид, Зинедин Зидан, е убеден дека борбата за титулата во Ла Лига не е завршена и дека неговиот тим има шанса да ги сврти работите во нивна корист. Реал во неделата одигра нерешено со градскиот ривал Атлетико со резултат од 1-1.

Зидан не сакаше да ја коментира одлуката на судијата кој не досуди удар од белата точка во првото полувреме, откако претходно топката го погоди Фелипе во раката.

„Не сакам да се мешам. Знаеме дека судиите имаат тешка работа. Ние мора да ја почитуваме одлуката и тоа е тоа. Судијата е одговорен. Играчите рекоа дека тоа е рака, а судиите рекоа дека не е“, рече Французинот.

Атлетико поведе со голот на Луис Суарез во 15-та минута, додека бод за Реал донесе Карим Бензема во 88-та минута.

„Првото полувреме беше нивно, второто наше. Нашата цел е да продолжиме да се бориме. Знаеме дека патот е долг, но ќе се бориме до крај. Во фудбалот брзо се менуваат работите, ништо не е сигурно. Знаеме дека можеме да напредуваме“, заклучи Французинот.

Кралскиот клуб во моментов е трет на табелата, со два бода помалку од Барселона и пет помалку од Атлетико.

Се вчитува...