Зидан негира: Не им реков на играчите дека заминувам од Реал Мадрид

Тренерот на Реал, Зинедин Зидан ги демантираше тврдењата дека им рекол на играчите дека го напушта клубот на крајот на сезоната пред натпреварот со Атлетик Билбао.

Во пресрет на дуелот во Баскија, во претпоследното коло од Ла Лига, се појави информација дека Французинот заминува без оглед на исходот од шампионската трка. Судејќи според изјавата по победата над Билбао (1-0), таквите информации не се точни.

„Како можам да им кажам на играчите дека заминувам од клубот во моменти кога сите се бориме за титулата до последниот атом на сила што го имаме? Можете да напишете што сакате, но јас никогаш не би им направил такво нешто на моите играчи. Само кога сезоната ќе заврши, ќе видиме што ќе се случи понатаму. Сега сум со нив пред последниот натпревар“, заклучи Зидан.

Кралскиот клуб е домаќин на Вилјареал на последниот натпревар во Примера. Реал влегува во тој натпревар со два бода помалку од лидерот Атлетико Мадрид. За да ја одбрани титулата, потребна му е победа, но „јорганџиите“ не треба да триумфираат над Ваљадолид.

Се вчитува...