Зидан пак „виси“ – отказ до крајот на неделава

Зинедин Зидан повторно се соочува со сериозна опасност да добие отказ во Реал Мадрид, откако „кралскиот клуб“ беше елиминиран од третолигашки ривал од Копа дел реј. Реал одигра уште еден потпросечен натпревар, нов во низа откако „кралевите“ беа елиминирани во полуфиналето од Супер-купот на Шпанија, а претходно и во Ла Лига ремизираа на гостувањето против Осасуна.

Мадридските весници „Марка“ и „Ас“, кои важат за најупатени за случувањата во Реал Мадрид, најавуваат дека Флорентино Перез дефинитивно го загубил трпението со францускиот стратег, па не се исклучува можноста тој до крајот на оваа недела да добие отказ од функцијата. Упорното инсистирање на истата тактика со истите фудбалери е главен „грев“ на Зидан кај управата, особено откако Јовиќ блесна на првиот меч по заминувањето од Мадрид, а сега и Одегард бара трансфер бидејќи тренерот не верува во него.

„Кралевите“ се подготвуваат за смена на генерации, се најавува заминување на Рамос, но и на Модриќ и Крос, а Флорентино е незадоволен од начинот на кој Зидан ги развива младите фудбалери како Јовиќ, Одегард, Винисиус, Милитао…

Проблем за Реал е што стратегот што беше најавуван како наследник на Зизу, легендарниот голгетер Раул Гонзалес, е позитивен на Covid-19, па не би можел да почне веднаш со работниот ангажман во првиот тим. Останува да се види дали тоа ќе го спаси Зидан од отказ до викендов, или Перез ќе ја реализира најавата и ќе се реши за тренерска смена што поскоро, во обид со „шок-терапија“ да го разбуди заспаниот џин.

Се вчитува...