Зидан со фантастичен јубилеј: Ајде сега да уживаме…

Реал Мадрид славеше на домашен терен над Еибар, дуел на кој Зинедин Зидан прослави фантастичен јубилеј – вкупно 250 средби како тренер на најтрофејниот европски клуб. Францускиот стратег по мечот од претседателот Флорентино Перез доби и пригоден подарок – дрес со бројот 250 и неговото име на грбот, за одбележување на овој голем јубилеј.

„Јас живеам за фудбалот, уживам во секој ден што го минувам како тренер на Реал, во работата со овие фудбалери. Не сакам јубилеи, бидејќи не живеам во минатото, туку во сегашноста. Имавме тешки моменти во текот на сезоната, но сега се е во најдобар ред, играме добар фудбал и победуваме“, изјави Зидан.

Реал Мадрид забележа девет победи и две реми во последните единаесет кола од Ла Лига, но вистинските предизвици за Зидан и неговите избраници допрва претстојат – дуелот со Ливерпул во Лигата на Шампионите проследен со големото дерби против Барселона.

Французинот е второпласиран на листата на тренери со најмногу натпревари на клупата на Реал, пред него е единствено легендарниот Мигел Муњоз (605). Зизу има и извонредни успеси, три пехари во ЛШ во низа, два клупски мундијали, два трофеи во Суперкупот на Европа, два во Ла Лига и два во Суперкупот на Шпанија.

Се вчитува...