Златен гол на Македа за победа на Вардар против Кил

ЕКИПА во Германија,

Симон Котларов, Наум Гештаковски

Со гол на Хорхе Македа во истекот на последните секудни, Вардар славеше победа против Кил со 28-29 во првиот натпревар од четвртфиналето во Лигата на шампионите и е на чекор до втор пласман на Ф4 турнирот во Келн и одбрана на европската титула. Вардарци во поголемиот дел од натпреварот имаа контрола на играта и на резултатот, но Кил предводен од извонредниот Никлас Ландин на голот, беше поуспешен во последната четвртина, сепак, среќата на крај ја имаше Вардар, а среќна рака за победа Хорхе Македа.

Во силно темпо  стартуваше дуелот во „Шпаркасен Арена“ и симболично, со извонредна интервенција на Арпад Штербик кој ја сопре првата контра на Кил. Длабоката одбранбена формација 3-2-1 со која отвори Кил, не беше изненадување за Раул Гонзалес. Го потврдија тоа неколкуте воиграни акции и двете успешни проигрувања и реализација на Стојанче Стоилов од пикерската позиција за водство на Вардар од 1-3.

Кил дојде до изедначување, но вардарци возвратија со два брзи гола од контра и одново ја имаа иницијативата. Вардар со поголема разноврсност во нападот во овој дел успешно се справуваше со „истурената“ одбрана на домаќинот. Многу повеќе проблеми имаа избраниците на Алфред Гисласон кои тешко поминуваа покрај 5-1 одбраната на вардарци со Жоан Кањељас напред.

По првата четвртина, „црвено-црните“ имаа контрола на играта и водство од 8-5 со четвртиот погодок на Стоилов. Тоа го натера Гисласон да се врати на стандардната 6-0 одбрана. Двете успешни интервенции на Никлас Ландин и двата гола во серија на Никола Билик го вратија Кил во егал, а Виенцек поентираше за 8-8 во истекот на 18.минута заокружувајќи ја серија од 3-0.

Раул Гонзалес го искористи првиот тајм-аут, а Вардар веќе во следниот напад со играч помалку дојде до ново водство, повторно од пикерската позиција, но со реализација на Рожерио Мораеш, а потоа слободниот простор на левата позиција ефектно го искористи и Тимур Дибиров (8-10). Тактичкото надмудрување на теренот донесе ново изендачување  (10-10) на седум минути пред крај на првиот дел, но „црвено-црните“ беа тие што го диктираа темпото и со дициплинирана, рационална игра брзо се враќаа во позитива. Ротацијата на Раул Гонзалес со пониска постава на бековската линија, со Карачиќ, Циндриќ и Македа, го даде посакуваниот резултат. Вардар одново имаше мини серија и одново беше на +3 (10-13), а на одмор „црвено-црните“ замина со предност од 12-14.

Со „иста финта“, со проигрување на пикер и реализација на Мораеш вардарци го отворија и второто полувреме и го зацврстија водството. Ландин со неколку успешни интервенции им даде ветар во грб на своите соиграчи кои успеаја да намалат на еден гол разлика 16-17, а потоа ни на 17-18. Вардар не ја искористи предноста со играч повеќе, не постигна гол, а прими два, вториот од Миха Зарабец за ново изедначување на 18-18 по десет минути игра во вториот дел. Конечно, Вуко Борозан ја прекина лошата серија, но продолжи и константниот притисок на Кил. Сеапк и покрај отежнатата реализација, Вардар одржуваше минимална предност и во третата четвртина од мечот.

Пресвртот дојде на стартот од последната четвртина кога по долгиот тактички напад на Кил, Марко Вујин му донесе прво водство на германскиот тим со 21-20, а потоа Билик го искористи невниманието на вардарци и заголеми на 22-20.  Штербик успеа да компензира дел од грешките во нападот на Вардар, но кај „црвено-црните“ во овој решавачки период недостасуваше брза реализација. Затоа пак Кил ја казнуваше секоја грешка и на 13 пред крај Германците веќе имаа три гола предност (23-20). Вардарци се обидуваа да се вратат во ритам, но и многу грешеа во овој завршен дел. На другата страна Миха Зарабец ја диригираше играта на Кил создавајќи и многу проблеми на одбраната на Вардар. На три минути пред крај, Вардар не искористи напад за изедначување, а Себастијан Фирнхабер казни со брз погодок за 28-26. Исклучувањето на Виенцек му отвори нова шанса на Вардар во завршницата на дуелот. Кил играше на долг напад, а Вардар успеа да се одбрани, а Дибиров на 28 секунди пред крај изедначи на 28-28. Кил имаше напад за победа, но погреши, а Македа го искористи моментот, го погоди празниот гол на Кил и му донесе победа на Вардар.

Стојанче Стоилов, Рожерио Мораеш и Иван Чупиќ постигнаа по пет гола за Вардар, а Штербик го заврши мечот со 10 одбрани. Кај Кил тројца ракометари постигнаа по четири гола – Никлас Екберг, Марко Вујин и Никола Билик. Никлас Ландин запиша 13 одбрани.

Реванш натпреварот од овој четвртфинален дуел по кој ќе биде познато кој ќе биде патникот на Ф4 турнирот во Келн, ќе се одигра на 29 април во Скопје.

Се вчитува...