„Златен Гонг“: 70 боксери ќе се борат за престижниот пехар

Традицијата продолжува и оваа година. Една од најстарите спортски традиционални манифестации во нашата земја, боксерскиот турнир “Златен Гонг” годинава по 48. пат ќе се одржи во Скопје. По тој повод во просториите на Агенцијата за млади и спорт беше организираша прес-конференција на која свое обраќање имаше директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски.

„Влогот на многумина низ изминативе 48 години во организирањето на овој настан придонесе “Златниот Гонг” да прерасне во спортски настан кој го промовира нашиот град и нашата држава, оставајќи траен белег низ спортот“, изјави Дарко Каевски.

Оваа година со учество на најдобрите боксери од Македонија, Србија, Словенија, Полска, Косово, Албанија, Бугарија и Романија ќе се избира најдобар техничар, тренер, судија, домашен и странски боксер и секако златен гонг за најдобриот боксер на манифестацијата. Учество ќе земат преку 70 натпреварувачи од повеќе европски земји. Македонската селекција и оваа година ќе се претстави со моментно најдобрите боксери.

На пресот свое излагање околу боксерскиот фестивал, кој од 8. до 11. ноември ќе се одржи во Вип арена – мала сала при СЦ „Борис Трајковски”, имаа и потпретседателот на Боксерската федерација на Македонија, Фатон Салихи, секретарот на Федерацијата, Душко Сачкарски и селекторот на БФМ, Петре Чурлиноски.

Се вчитува...