Зоре Темелковски до КФСМ : Најдете спонзор наместо да уценувате

Првиот претседател на Кошаркарската Федерација на Македонија, Зоре Темелковски, го критикуваше актуелното раководство на куќата на кошарката поради начинот на водење на оваа институција. По денешната реакција на КФСМ поради големите долгови на клубовите и заканата дека новото првенство нема да почне додека истите не бидат подмирени, Темелковски реагира дека таквата поставеност на работите и начинот на функционирање се тотално погрешни.

Реакцијата на Зоре Темелковски испратена до нашата редакција ја пренесуваме во целост:

„Како прв претседател на Кошаркарската Федерација на Македонија и еден од основачите на федерацијата заедно со Лазар Лечиќ, Дури Андоновски и Мирослав Наумовски – Лав, разочаран сум од последните случувања во кошарката. 

После 30 години сме сведоци некои бирократски чиновници кои не се од коренот на кошарката, ни како спортисти ни како спортски работници, да даваат изјави од владини бирократски позиции дека кошарка нема да се игра ако клубовите не платат. Сакам да порачам како основач – кошарката се играла и ќе се игра, а раководството е тука за да најде начин за како да се игра кошарката во едни подобрени услови.

Ќе му дадам само една информација на почитуваниот, дека како претседател никогаш клубовите не беа бирократски уценувани за да дојде до одложување на почеток на лигата. Затоа, УО на федерацијата на чело со мене обезбеди спонзор на лигата за жени –  Пекабеско лига, а машката лига се викаше Партнер-лига. Така се создадоа врвни играчи кои сега не ги почитуваат оние работи направени за нив, туку сега и условуваат дека нема да се игра доколку не се исполнат нивните барања.

Кошарката не е за административниот состав на федерацијата, таа се игра за публиката, за младината, за социјализација… Сакам да им порачам да не даваат изјави како бирократски административци, туку да ги решаваат проблемите и да ја продолжат кошаркарската игра“ – вели Зоре Темелковски.

Се вчитува...