Александар Зверев влезе во историјата на светскиот тенис со освојувањето на својата прва грандслем титула, по триумфот над Флавио Коболи.
На прес-конференцијата по финалето, отворено зборуваше за сè низ што поминал за време на натпреварот и целиот турнир.
Германскиот тенисер конкретно се осврна на четвртиот сет, во кој имаше физички проблеми, но и, како што истакнува, многу повеќе ментални блокади.
„Да, имав грчеви. Малку се мачев физички, иако мислам дека грчевите беа повеќе од ментален аспект проблем. Бев многу стегнат и премногу емотивен. Исто така, бев малку нестабилен во тој четврти сет. Всушност, мислам дека тие грчеви ми помогнаа на некој начин. Мислам дека се опуштив поради нив. Почнав да удирам малку повеќе и едноставно се опуштив. Секако, петтиот сет помина како што посакував, среќен сум поради тоа и пресреќен што за прв пат седам покрај овој прекрасен трофеј.“
Зборувајќи за неговото враќање на врвот, Зверев истакна дека претходната година била исклучително тешка, и физички и во однос на резултатите, но дека пресвртницата се случила за време на турнирот во Виена.
„Се чувствував како повторно да почнав да играм навистина добро минатата година во Виена. Пред тоа, не беше добра за мене. Не играв добро. Се мачев многу со разни физички проблеми и се мачев со мојот тенис. Едноставно не играв добро.“
Тој додаде дека освојувањето на трофејот е огромен поттик за него да ја продолжи кариерата.
„Секако, овој трофеј многу помага во самодовербата сега. Минатата година беше еден од најтешките моменти во мојата тениска кариера. Оваа година е еден од најсреќните моменти во мојот живот и мојата кариера, а во моментов се чувствувам сосема поинаку.“
Во еден момент за време на конференцијата, Зверев ги насмеа присутните новинари со забелешка за критиките кон себе.
„Да. Ако ме нарекувате најлошиот играч што некогаш освоил Грендслем, во овој момент не ми е гајле (се смее), дали некој мисли така. Не, не, не, само велам, ако некој мисли така, тоа е во ред, бидејќи јас…“ – рече емотивно Зверев, притоа зборувајќи за важноста на титулата за германскиот тенис, истакнувајќи дека ова е историски момент за неговата земја.
„Мислам дека ова е прв пат во историјата Германец да го освои Ролан Гарос. Во машка конкуренција, се разбира. Во женска конкуренција ја имавме Штефи која освои многу, но во машка конкуренција мислам дека ова е огромен трофеј за Германија. Повторувам, првиот што го направи тоа. Да бидам искрен, веќе сум малку пијан, па се повторувам малку повеќе отколку што е вообичаено за мене. Само сум среќен што седам до овој трофеј.“
На крајот, зборуваше и за емоциите што го преплавија веднаш по последниот поен.
„Тоа беше комбинација од сè. Прво, не можев да верувам дека победив. Потоа погледнав кон мојот тим и видов дека сите слават. Дури тогаш сфатив дека победив. Особено кога го видов татко ми како ги крева рацете, тогаш ми текна: „Добро, победив“. И потоа, кога бев на земја, сите емоции излегоа од мене, бидејќи ова поле е многу, многу посебно за мене. Посебно е на позитивен начин, но и на многу негативен начин, бидејќи тука доживеав некои од најтешките моменти во мојот живот и мојата тениска кариера. Лежев на овој терен со повреда од која не знаев дали некогаш ќе се опоравам. Ги изгубив сите тие спомени. Тие сè уште се со мене, но оваа победа ќе ги надмине сите“ – рече Зверев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
