„Ѕвездите“ што ќе го пропуштат СП во Кина: Цел „дрим-тим“, плус Симонс, Теодосиќ…

На петнаесетина дена до стартот на кошаркарскиот Мундијал во Кина, повеќе од јасно е дека речиси ниту една селекција нема да настапи во својот најсилен состав. Најослабени во однос на потенцијалот што го поседуваат се Американците, на кои им откажаа речиси сите „ѕвезди“, па селекторот Попович ќе го однесе во САД американскиот „Б-тим“, со играчи од НБА-лигата кои сепак не се од највисока класа.

Српскиот селектор Александар Ѓорѓевиќ самиот се откажа од Никола Калиниќ и од Немања Недовиќ, а згора на тоа „орлите“ останаа без првиот плејмејкер, Милош Теодосиќ, кој заработи незгодна повреда.

Без својот главен играч во Кина ќе допатува и селекцијата на Австралија, откако Бен Симонс реши да се посвети на НБА-кариерата, одбивајќи ја поканата да настапува за „кенгурите“ на овој шампионат. Покрај Симонс, австралискиот селектор нема да може да смета ниту на Кукс, Брокхоф и Ексум.

Ертел и Ловерњ не се во можност да им помогнат на Французите во Кина, додека грчкиот состав не може да смета на центарот Куфос. Отсуството на Јан Весели ќе биде огромен проблем за Чешка, а сериозно ослабена е селекцијата на Доминиканската Република, во чии редови нема да настапат Ал Хорфорд, Карл-Ентони Таунс и Џејмс Фелдеин.

Стивен Адамс нема да му помогне на националниот тим на Нов Зеланд на овој Мундијал, на кој Русија остана без помошта на Швед, Кулагин, Квостов и Мозгов. Со проблеми се соочува и шпанскиот селектор Скариоло, кој во Кина нема да може да смета на Пау Гасол, Серхио Родригез, Алекс Абринес, Никола Миротиќ и Серж Ибака.

Мели поради повреда нема да биде дел од италијанскиот состав, додека Литванија ќе биде речиси комплетна, со исклучок на повредениот Гудаитис.

Се вчитува...