Блокотехна без пот до нов триумф, струмичани ја освоија Битола

Поразот од Работнички минатиот викенд не остави никаква трага врз тимот на Блокотехна, кој по триумфот на гостински терен во БИБЛ сега се врати на победите и во домашното првенство. Амбициозниот клуб од Гевгелија денеска за противник го имаше Охрид, кој беше рутински совладан со убедливи 92-78, за шеста победа на избраниците на Марјан Илиевски во седумте досeга одиграни кола од македонскиот шампионат.

Казарновски беше во главна улога на самиот почеток од натпреварот, постигнувајќи ги првите осум поени за домашниот тим. Охриѓани за момент поведоа со 11-13, но со тоа само ги налутија домашните кошаркари, кои експресно ја презедоа контролата и првата четвртина ја добија со единаесет поени предност (29-18). Гостинскиот состав не се предаваше, не дозволувајќи им на домаќините да продолжат во ист ритам, но „пулените“ на Илиевски беа сконцентрирани на сочувување на оваа удобна предност. Блокотехна ја контролираше разликата околу десет поени до самиот крај, за овој меч да заврши со „плус 14“ за домашниот состав.

Бенџамин со 20 поени беше најефикасен кај победничкиот тим, еден помалку постигна Мијатовиќ, а Казарновски оствари дабл-дабл од 12 поени и 10 скокови.

Во вториот натпревар што се играше денеска со почеток во 13 часот Струмица како гостин го совлада Пелистер со резултат 76-86. Струмичани фуриозно го почнаа мечот и веќе во петтата минута поведоа со 2-16. Домашниот состав успеа да се консолидира и се врати во мечот, пред крајот на третата четвртина дојдоа до 65-66, но Струмица заигра најдобро кога беше најважно и заслужено стигна до победата.

Дил со 35 поени беше прв стрелец на победничкиот тим, Тајнс оствари дабл-дабл од 20 поени и 10 скока, додека најефикасен кај Пелистер беше Луис со 28 поени.

Се вчитува...