Дувњак порано на операција, нема да игра против Лазаров и Ристовски

Кил ќе биде сериозно ослабен за четвртфиналето од Лигата на шампионите против Барселона откако Домагој Дувњак обелодени дека во најскоро време ќе мора да замине на операција на коленото, зафат што го одложува веќе подолго време. Челниците на Кил веќе потврдија дека хрватскиот ас ќе мора да оди „под нож“, најавите велеа дека ќе се чека до крајот на сезонава, но по освоениот трофеј во Купот на Германија сега самиот Дувњак откри дека состојбата му е влошена.

„Коленото беше малку подобро, па лекарите ми рекоа дека не постои ризик, па настапив со полна пареа во Купот. Сепак, знам дека утре ќе биде полошо, па уште полошо… веќе нема бегање, затоа, најверојатно ќе бидам опериран оваа седмица“ – истакна Дувњак за официјалната веб-страница на Кил.

По тешката операција на коленото ќе следи пауза од најмалку шест месеци, но ваквиот развој на настаните е добра вест за новиот хрватски селектор Лино Червар, кој по се изгледа ќе го има на располагање Дувњак за Европското Првенство што ќе се одржи во јануари 2018 година.

Се вчитува...