Артета се премисли, наместо Исак ќе носи поевтин напаѓач од Серија „А“

Арсенал нема намера да се откаже од трката за титулата, но паралелно со водењето на тимот во завршницата од оваа сезона Микел Артета ги планира и активностите за претстојниот преоден рок. Ангажманот на нов голгетер е еден од приоритетите на „топчиите“ по слабата сезона што ја имаше Габриел Жезус, а Артета досега разгледуваше неколку опции кои важат за скапи на пазарот.

План А беше Александар Исак, но Њукасл не само што го има проценето својот најдобар стрелец на над 100 милиони фунти, туку и „црно-белите“ намат намера да го продадат Швеѓанецот во текот на летото. Осимен исто така е желба на Артета, но асот на Наполи моментно е најблиску до ПСЖ, додека Душан Влаховиќ веќе стави до знаење дека не планира летово да ги смени клупските бои.

Англиските медиуми најавуваат дека Арсенал е подготвен да ја промени стратегијата и да донесе фудбалер што е далеку поевтина варијанта од горенаведените, а кој сигурно би му бил од помош на Артета. Станува збор за Џошуа Циркзе, холандскиот интернационалец од редовите на Болоња кој игра во извонредна форма и е меѓу најзаслужните што „болоњезите“ моментно се хит-екипа во Калчо-лигата.

Циркзе е проценет на 40 милиони евра, сума што „топчиите“ без проблеми би ја платиле, а она што особено му се допаѓа на Артета е фактот дека Холанѓанецот добро се снаоѓа на неколку различни позиции во нападот, што го прави идеален кандидат за тимот на шпанскиот стратег.

За овој фудбалер сериозен интерес покажува и Милан, но ако се земат во предвид финансиските проблеми на „росонерите“ јасно е дека Арсенал би бил голем фаворит во „аукцијата“ за потписот на Холанѓанецот.

Се вчитува...