Барди: Во Шпанија едно време бев подобар и од Меси

Енис Барди го остави зад себе проблематичниот период во Трабзон, па македонскиот капитен сега е меѓу најстандардните првотимци во овој турски прволигаш.

Тој постигна неколку прекрасни погодоци за Трабзон зацврстувајќи си го местото во стартниот тим, но и привлекувајќи го вниманието на јавноста. Така, Барди во последното интервју за турските медиуми говореше на најразлични теми, меѓу другото и за фактот дека додека играше во Шпанија за Леванте имаше подобар процент од Лео Меси.

„Навистина, едно време бев подобар и од Меси. Затоа што имав дадено седум гола од 25 слободни удари, а Меси имаше осум од 52, мојот процент беше далеку подобар. Ако го гледате процентот, јас бев подобар од него (се смее). Да бидеме сериозни, секако дека беше добро чувството со самото тоа што луѓето ме споредуваа со еден од најдобрите фудбалери на сите времиња, бев исклучително горд на тоа, ме правеше да работам уште понапорно. Кога ќе имаш 22 години и веќе си дал седум гола од слободен удар во една сезона, секако дека тоа прави да се чувствуваш „кул“. Тогаш бев млад, не знаев како да се однесувам. Сега сум многу посмирен, уживам во животот, мислам дека ова ми се најдобрите моменти. Но кога ќе погледнам наназад, горд сум на она што го направив во тоа време“, изјави Барди.

Тој се осврна и на ланската сезона во кој се соочуваше со сериозни проблеми и не успеваше да го покаже своето вистинско лице на теренот.

„Немам зборувано јавно за ова бидејќи е тешко, но сакам луѓето да знаат. Ланската година беше многу тешка за мене, цело време чувствував некаков товар што не можам да го кренам, што не можам да го носам со себе. Притисокот беше голем се додека едно утро не станав и си реков: Не можам да си заминам од Трабзон на ваков начин, не сакам да си заминам. Ќе останам и ќе остварам нешто значајно овде. Од тој момент се се промени, пречките исчезнаа“, открива Енис Барди.

Се вчитува...