Ѓорѓиоски му одговори на Зампарини: Јас ниту можам ниту смеам да сугерирам за избор на фудбалери!

Илија Несторовски е на списокот на селекторот Игор Ангеловски за претстојниот пријателски натпревар со Норвешка, разочарувајќи го со тој потег првиот човек на Палермо, Маурицио Зампарини, кој се надеваше дека Нестор-гол следниот викенд ќе остане во клубот како помош во битката за враќање во Серија А.

Пред неколку денови Зампарини испрати официјално писмо до претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски, со надеж дека Нестор-гол ќе остане во Италија наместо да дојде во Скопје, барајќи првиот човек на нашата федерација да сугерира ослободување на офанзивецот.

Па, денеска и Ѓорѓиоски со одговор до Зампарини, наведувајќи дека ниту може ниту смее да упатува било какви сугестии околу можноста за повик или ослободување на фудбалери.

Писмото на Илчо Ѓорѓиоски до Маурицио Зампарини ви го пренесуваме во целост:

Почитуван господин Зампарини,

Ви благодарам за дописот поврзан со репрезентативецот на Македонија и капитен на Вашиот Палермо, Илија Несторовски. На тој начин ја покажувате неизмерната грижа за Вашиот клуб, но исто така ја потврдувате големината и значењето на Илија, неговата смисла за игра и авторитетот кој го покажува на теренот.

Знаеме дека можеби не е време за емоции, но да бидеме искрени, јас ниту можам, ниту смеам да упатувам било какви сугестии или да наметнувам решенија поврзани со изборот на фудбалери на кои смета селекторот на А репрезентацијата на Македонија. Тоа е исклучиво работа на стручниот штаб на А репрезентацијата на Македонија и мора да го почитуваме професионализмот.  Во тој контекст, Ве замолувам во иднина за тие прашања да го контактирате селекторот на А репрезентацијата и неговиот стручен штаб. Ние како раководство на Федерацијата имаме обврска да се грижиме за создавање вистински услови и атмосфера околу репрезентативниот тим.

Нашите Илија Несторовски и Александар Трајковски се главната причина што Палермо има голем број навивачи во Македонија и сите ние со радост ги следиме натпреварите, се радуваме на головите и успесите. На нашите сонародници им посакуваме многу среќа и успех со Палермо, а за Вас како клуб, вратата на Федерацијата секогаш ќе биде отворена за разговор и соработка.

Со почит

Илчо Ѓорѓиоски,

Претседател

Фудбалска федерација на Македонија

Се вчитува...