Каратистите подготвени за настап на СП во Тенерифе

Во просториите на Агенцијата за млади и спорт денеска се одржа прес-конференција по повод заминувањето на македонската карате репрезентација на Светското првенство за кадети, јуниори и помлади сениори (У 21) кое ќе се одржи во период од 25-29 октомври оваа година во Тенерифе, Шпанија.

На прес конференцијата свое обраќање имаше директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски кој истакна дека АМС на каратистите им дава голема поддршка, особено ако се знае дека овој спорт е еден од најтрофејните спортови кои носи многу медали за Македонија и воедно додаде дека очекува високи резултати од каратистите.

„Агенцијата за млади и спорт го поддржува каратето, а тоа како АМС го потврдуваме и со финансиската поддршка која ја овозможивме на нашите каратисти на ова Светско првенство. Каратето е еден од нашите најуспешни спортови, а со континуирана поддршка и стимул на младите каратисти сакаме дополнително да ги мотивираме, да донесат медали од Тенерифе и да ја претстават Република Македонија во најдобро можно светло. Убеден сум дека овие млади надежи се подготвени за големи резултати, а домашната спортска јавност со нетрпение ги очекува нивните настапи“, изјави Каевски.

На прес-конференцијата се обрати и стручниот штаб на карате репрезентацијата во состав Стојан Андриевски, Арлинд Хусеини и Александар Кузмановски. Тие во едно беа согласни, а тоа е дека репрезентацијата е спремна и сите заедно очекуваат висок пласман.

„Подготовките ги одработивме на посакуваното ниво, немавме повредени репрезентативци, а со тоа слободно можеме да кажеме дека ќе одиме на висок пласман. Репрезентативците се подготвени, очекуваме да настапат со нивниот борбен дух и нивната енергичност, а на крај да го крунисаат нивниот настап и да ја израдуваме македонската јавност и во Македонија да се вратиме со освоени медали“, велат селекторите на македонската карате репрезентација.

Македонската карате репрезентација во Тенерифе ќе настапи во следниот состав:

– Владанка Аврамова – ката (кад)- Александар Неделковски – ката (кад)- Киријана Камческа – ката (јун)- Маријана Димоска – ката (У21)- Марија Милева – до 47кг. (кад)- Дритон Халими – до 52кг. (кад)- Марио Свинарски- до 57кг. (кад)- Христијан Стојановски – до 63кг. (кад)- Иво Мишачовски – до 70кг. (кад)- Драгана Манговска – до 53кг. (јун)- Вјолца Гафури – до 59кг. (јун) – Симона Симовска – над 59кг. (јун)- Столе Смилковски – до 55кг. (јун)- Фахик Весели – до 61кг. (јун)- Роберто Ацковски – до 68кг. (јун)- Филип Несторовски – до 76кг. (јун)- Вегим Мурати – над 76кг. (јун)- Моника Пендаровска – до 55кг. (У21)- Вероника Костовска – до 61 кг. (У21)- Ангела Мојсовска – до 67кг. (У21)- Давид Петков – до 60кг. (У21)- Димитар Илиевски – до 67кг. (У21)- Петар Заборски – до 75кг. (У21)- Петар Спасеновски – до 84кг. (У21)- Семир Ќосовиќ – над 84кг. (У21)- Јован Васиќ – ката- Христијан Димитријевски – ката- Георги Бановски – ката – Ивона Муфтарова – ката – Миа Маневска – ката

Се вчитува...