На што ги трошат парите фудбалските мегаѕвезди?

Врвните светски фудбалери заработуваат неверојатни суми на неделна база, што им овозможува на нив и нивните најблиски да уживаат во луксузен живот. Секој од нив има свои приоритети кога станува збор за трошење на парите, па така главна пасија на Кристијано Роналдо се брзите автомобили. Португалецот на почетокот од овој месец потроши над 350.000 евра на ново „Ферари“, а во неговиот возен парк има и суперлуксузни изданија на Бугати, Шевролет Камаро, Мекларен… Ѕвездата на Реал Мадрид инвестираше дел од богатството и во ланец на хотели.

Лионел Меси важи за најскромен на овој план, па медиумите немаат премногу конкретни информации околу инвестициите на асот на Барселона. Тој има приватен авион што ретко го користи, а за да побегне од очите на јавноста платил огромна сума за да ја купи и куќата на соседите во Барселона, за да се осигура дека никој нема да го вознемирува. Сега таа куќа е празна, но Меси ја добил приватноста што ја посакувал.

Нејмар според последните информации со преселбата во ПСЖ си обезбедил неверојатна плата од 100.000 евра на ден, а младиот Бразилец ужива во трошење на парите. Приватниот авион му беше конфискуван поради истрагата во Бразил против него, но Нејмар веднаш си купил нов. По трансферот во ПСЖ тој за осум милиони евра купил и јахта што ќе биде преместувана по марините низ Франција. Автомобилите исто така се пасија на Бразилецот, кој најчесто може да се види во Ауди РС 7 иако има уште неколку луксузни возила, најзвучно дефинитивно е Порше Панамера Турбо, чија вредност изнесува 550.000 евра.

Герет Бејл води релативно скромен живот, но Велшанецот отиде во друг правец кога реши да ја запроси својата девојка. Тој изнајми цел остров за сума од 500.000 евра, за таму да го добие „судбинското ДА“ за стапување во брак. За разлика од Нејмар и Роналдо, велшкиот интернационалец не троши богатство на автомобили, туку инвестирал во недвижнини во Велика Британија.

Сличен е ставот за инвестиции и на Вејн Руни, кој купи луксузни имоти на неколку делови од Велика Британија, но и во Флорида и на Барбадос. Членот на Евертон има проблем и со коцкање, а поради возењето во алкохолизирана состојба остана без возачка дозвола за следните две години, па најверојатно ќе продаде дел од автомобилите што ги поседува.

Се вчитува...