Османи: Резултатот од Милано не е важен, ќе играме за престиж

Тренерот на Шкендија, Ќатип Османи вели дека неговиот тим ќе игра за престиж, без разлика што Милан во Скопје доаѓа со голема предност за реванш натпреварот од плеј-оф пресметката за Лигата на Европа.

Османи на прес-конференцијата пред мечот истакна дека Шкендија првиот меч го загуби на индивидуални грешки, не на колективни, на кои работеле да ги поправат во текот на неделните подготовки.

„По поразот во Милано ги анализиравме грешките, но ќе биде тешко да се стигне големата негатива од шест гола. Ќе играме за престиж, ќе се обидеме да оствариме резултат кој ќе ги израдува нашите навивачи и да го поправиме севкупниот резултат од првиот меч. Минатиот меч го одигравме на еден поразличен начин со поинаква стратегија, така што ќе има измени во составот за утрешниот дуел, а се уште чекаме конечна одлука околу настапот на Хасани. Се подготвуваме да ја прикажеме нашата игра на терен. Свесни сме дека ќе биде многу тешко, но фудбалот се игра 90 минути во кои може да се случи се. Во Милано страдавме поради индивидуални грешки, не колективни, но на подготовките се фокусиравме да ги отстраниме, односно да не ги повториме и утре. Јасно е дека играме против една врвна екипа како што е Милан против која е невозможно да се доминира во поседот на топка, но нема да се браниме, ќе се обидеме да создадеме што повеќе шанси и да постигнеме барем еден гол“ – истакна Османи.

Слично е размислувањето и на капитенот Ферхан Хасани…

„Секако дека голема е негативата. Но, ние не се предаваме, ќе излеземе на терен и ќе покажеме дека во Милано не беше онаа Шкендија во вистинско свое светло. Ќе се обидеме да оствариме победа, која многу ќе ни значи и нас, и на навивачите. Сакаме да ги израдуваме фановите на Шкендија, иако ќе биде тешко“ – рече Хасани.

Натпреварот меѓу Шкендија и Милан утре на „Телеком арената“ во Скопје почнува од 20:45 часот.

Се вчитува...