Реми на Тунис и Русија: Македонија мора до бод за осминафинале

Македонската репрезентација ќе мора да освои најмалку еден бод на преостанатите две средби од групата Ц доколку сака да се пласира во осминафиналето од СП што се игра во Алжир. Се чинеше дека двете стартни победи над Русија и Буркина Фасо значат сигурен пласман во следната рунда, но ситуацијата се искомпликува откако Русите заиграа одлично во последните денови, па најпрвин го совладаа Бразил со 23-20, а денеска ремизираа и со Тунис (29-29) и си ги задржаа шансите за следната рунда.

Тунижаните можеа да им направат џиновска услуга на нашите младинци, имаа предност од два гола на пет минути до крајот, но Русите се вратија, израмнија од пенал на 20 секунди пред завршниот свиреж на сирената и стигнаа до третиот бод во групата. Русија во последното коло ќе игра со Буркина Фасо и со победа и дефинитивно ќе се пласира во осминафиналето.

Македонија моментно има четири бода, Бразил има два, но вечерва со триумф над Буркина Фасо „кариоките“ ќе се израмнат со нашата национална селекција. Ова практично значи дека на нашата репрезентација и е потребно да освои најмалку еден бод во последните два меча, бидејќи во случај на круг од селекции со по пет бода пресудна ќе биде нашата убедлива победа над Русија.

Избраниците на Илија Темелковски вечерва ја имаат улогата на аутсајдери против Шпанија, која има максимални 3-0 во досегашниот дел од мундијалот. Затоа пак решавачки ќе биде дуелот со Бразил што ќе се игра утре, а на кој победникот ќе го освои третото место во групата, а поразениот ќе биде елиминиран (реми оди во корист на Македонија). Во случај на победа би можеле да стигнеме дури и до втората позиција, доколку Тунис во последното коло загуби од Шпанија, што ќе ни донесе и нешто полесен противник во осминафиналето (Аргентина или Алжир, наспроти Исланд и Хрватска, кои ќе бидат двете првопласирани селекции во групата Д).

Се вчитува...