Сан Антонио ги прекина поразите

Сан Антонио спарс по двата порази во низа успеа да се врати на победнички патеки, славејќи на домашен терен над Сакраменто со убедливи 118-102. „Мамузите“ почнаа нервозно, промашија 12 од првите 13 шутеви кон противничкиот кош, па Сакраменто поведе со 2-14. Сепак, Сан Антонио потоа доби на самодоверба и во нападот и во одбраната, направи пресврт, па во третата четвртина водеше и со најубедливи 28 поени. Во една таква ситуација тренерот Попович во последниот период ги одмори дел од најдобрите кошаркари, но и резервите рутински го приведоа мечот до крај.

Пау Гасол беше прв стрелец на спарси со 22 поени, пред Олдриџ со 18 додека Кави Леонард неочекувано застана само на 12 поени.

Демијан Лилард одигра фантастичен меч за Портланд, носејќи го својот тим до победа на гостувањето во Мајами од 104-115. Лилард погоди девет тројки за вкупно 49 поени (28 од нив во второто полувреме), па помогнат од Нуркиќ (21 поен и 12 скокови) му ја донесе победата на својот тим, кој останува во трката со Денвер за осмото место во Западната конференција.

Шампионот Кливленд кавалирс славеше на гостувањето против ЛА лејкерс со 120-125, откако во тимот се вратија Леброн Џејмс и Кајри Ирвинг, кои поради повреда го пропуштија последниот меч со ЛА клиперс. Џејмс (34), Ирвинг (46) и Лав (21) заедно постигнаа над 100 поени за актуелниот шампион, кој останува на чело на Источната конференција.

Резултати НБА:

Њу Орлеанс – Минесота 123-109, Детроит – Феникс 112-95, Филаделфија – Бостон 105-99, Торонто – Индијана 116-91, Мајами – Портланд 104-115, Сан Антонио – Сакраменто 118-102, ЛА лејкерс – Кливленд 120-125.

Се вчитува...