Шенсои: Ние сме гладијатори…Пашовски: Битола чека вакво финале 16 години!

Пелистер минатата година беше во Втората лига, а сега е пред пласман во Европа и ќе игра во финалето на Купот на Македонија. Битола е на нозе, а голем дел од фановите утре сигурно ќе пристигнат во Струмица да го бодрат својот тим во обидот по цели 16 години повторно да го освои пехарот во најмасовното фудбалско натпреварување.

Тренерот Наџи Шенсои најавува голема битка, истакнувајќи дека тие се гладијатори, и дека ќе играат за да го развеселат народот.

„Има една позната изрека од Цезар и сакам да ја искористам во оваа можност. Ова ќе биде битка за целиот народ, а ние ќе бидеме гладијаторите. Ова за мене ќе биде трето финале во кариерата, бев финалист и во Албанија и во Бугарија, но сега се надевам дека ќе го подигнам пехарот. Шкендија е силен тим, можеби е и фаворит, но ние нема лесно да се предадеме. Најважно ќе биде се да помине во најдобар ред и нека победи подобриот“, изјави Шенсои.

Капитенот на „пелистерци“, Горан Пашовски, истакна дека цела Битола овој меч го чека 16 години.

„Поминаа 16 години од последното финале и трофеј на Пелистер во Купот. Имаме успешна сезона, а би била идеална и доколку ја завршиме со трофеј. Ќе сториме се за да ги израдуваме навивачите и да го освоиме пехарот“, истакна Пашовски.

Се вчитува...