Тодоров пред точно пет години ја реши Цибона, сега почнува нова јадранска авантура со МЗТ Скопје

Александар Тодоров на 29 септември 2012 година испиша историја откако со МЗТ Скопје триумфираше на дебито во АБА-лигата, на гостувањето во Загреб против Цибона со 72-77. Тој набрзо потоа беше сменет од страна на управата на клубот, Тодоров по неколку години пауза се врати на кормилото на аеродромци, а судбината сакаше својот прв меч во АБА-лигата повторно да го игра на ист датум, 29 септември.

„Чудна случајност, искрено се надевам дека и денеска ќе се радуваме исто како што беше случај и пред пет години. Во однос на таа екипа тука сме само јас и Дамјан Стојановски, заедно со клупскиот лекар Слободан Николиќ. Можам да кажам дека тогаш тремата беше поголема бидејќи влегувавме во пат кон непознатото. Сега веќе знаеме за што станува збор, па без никаква нервоза максимално фокусирани ќе влегуваме во натпреварите“ – истакна Тодоров.

Прв предизвик за трофејниот тренер и неговите избраници е повеќекратниот шампион на АБА-лигата, белградски Партизан (20 часот, СЦ „Јане Сандански“).

„Како што веќе реков, станува збор за квалитетна екипа што исто како и ние направи многу промени во тимот во однос на ланската сезона. Играат исклучително брзо, создаваат чисти ситуации за шут од контри и полуконтри и за нас клучно ќе биде да ја неутрализираме нивната игра во транзиција“ – вели стратегот на „металците“.

Тодоров нема да може да смета единствено на Марко Симоновски, кој е повреден, додека на спротивната страна Партизан ќе настапи без Андрија Стевановиќ, Александар Аранитовиќ и Томас Вилсон.

Минатата сезона Партизан преубедливо славеше во Скопје над МЗТ, тогаш предводен од Емил Рајковиќ, со резултат 62-93.

Се вчитува...