Венгер лани го одбил Мбапе – за ОСУМ милиони евра

Арсен Венгер веќе подолго време ги нема симпатиите на фановите на Арсенал, а разочараноста од францускиот стратег уште повеќе се зголеми по денешната информација дека Венгер пред неполни 18 месеци можел да го доведе Килијан Мбапе, но го одбил тоа поради сумата од осум милиони евра што му ја побарало семејството на францускиот голгетер.

Напаѓачот во тоа време не беше ниту стандарден првотимец во Монако, па преку скаути во Франција бил понуден на Арсенал. Венгер се сретнал со тинејџерот, како и со членови на неговото семејство, но одбил да го реализира трансферот откако било побарано Арсенал да плати осум милиони евра како провизија за реализација на трансферот. Францускиот стручњак оценил дека тоа е преголем ризик, иако самата висина на трансферот требало да биде минимална (не повеќе од десет милиони евра).

Сето останато е историја, Мбапе ланската сезона „експлодираше“ и го одведе Монако до титулата во Франција, а летово ќе се пресели во ПСЖ за огромни 180 милиони евра. А Венгер, лани за првпат по долго време остана без место во ЛШ, додека во новата сезона по првите три кола веќе има претрпено два порази.

Се вчитува...