11 години ЕКИПА!!

ДРИБЛИНГ

Владимир Булатовиќ

ЕКИПА со две единици како годишнина на своето постоење. Пред точно 11 години на денот на независноста на Македонија, стартуваше една самостојна идеја проткаена со желбата за автентично освојување на домашниот спортски медиумски простор на начин дотогаш незабележан во Македонија, но и многу пошироко.

Пред точно 11 години ЕКИПА беше првата ластовичка, предвесник на денес водечкиот тип на спортско известување, креатор и идеен творец на интернет-спортското новинарство какво денес го познаваат помладите генерации. Знаевме тогаш дека не мора да бидеме одлични за да започнеме, но моравме да почнеме нешто ново на домашната сцена за да се обидеме да бидеме одлични. Иако, тогаш, и крајно потценувачки од околината прифатена таа идеја, а веќе денес единствена како начин спортот вистински да допре до јавноста.

 

Велат 11-годишен јубилеј е всушност челичен јубилеј. Токму период за вистинско калење на еден колектив. Години кои ни беа одбележани со моменти, и слатки, и горки, напорни, и неприфатени, и славени, и со омаловажувања, и со глорифицирања, и со рани и со освоени мегдани… Но, сите зачинети секогаш со насмевки, затоа што на крајот успехот неизбежно се гради само со сите тие коцкички.

Најавтентичното нешто на ЕКИПА е нашиот капацитет да создаваме, да наметнуваме мислење, да победуваме, да страдаме, да се трансформираме, да негуваме, да прифаќаме грешки и да се менуваме за да бидеме поголеми од нашите страдања, а се во интерес на неговото височество – читателот. Тајната на успехот е веројатно постојаноста да се држиме до нашата цел, затоа што сме повеќе од свесни дека патот до успехот до крајот на животот секогаш ќе биде во изградба.

А, ЕКИПА уште од сега тежнее кон три единици како годишнина на своето постоење. Ако успее да не надживее сите нас кои сме биле и сме дел од неа, е само тогаш ќе може да кажеме дека сме успеале!

ЧЕСТИТ 8-МИ СЕПТЕМВРИ НА СИТЕ ЧИТАТЕЛИ НА ЕКИПА!

Се вчитува...