Почнува Ф4: Обрадовиќ ја брани круната во „својот“ Белград

Легендарниот кошаркарски тренер, Жељко Обрадовиќ се наоѓа во фокусот на вниманието на завршниот турнир на четирите  најдобри екипи во кошаркарската Евролига. Српскиот стручњак кој во Белград дојде со Фенербахче во одбрана на титулата освоена минатата сезона е во обид да дојде до десеттата евролигашка титула како тренер.

Обрадовиќ претходно има трофеи со Партизан, Хувентуд, Реал Мадрид и пет титули со Панатинаикос. Минатата сезона на клупата на Фенербахче му го донесе на клубот првиот историски успех во најслиното европско клупско натпреварување. На овој Ф4, Обрадовиќ и Фенербахче за место во финалето ќе мора прво да се справат со литванскиот Жалгирис.

„За мене е специјално чувство да бидам на Ф4 во Белград, но лошата работа е што овде можеме да бидеме само пет дена. Многу сум среќен што можам да поминам одредено време со за мене важни луѓе. Знам колку е тешко да се стигне до завршниот турнир и колку беше тешко за сите екипи да дојдат до овој резултат. Пред финалето размислувам само за дуелот со Жалгирис, а не за мојата десетта тренерска титула. Атмосферата ќе биде одлична, од Истанбул ќе дојдат многу навивачи, а Белграѓани ќе имаат избор за кого да навиваат“ – вели Обрадовиќ чија екипа ќе го отвори Ф4 турнирот во Белградска Арена, а за ривал ќе го има својот поранешен кошаркар Шарунас Јасикевичиус.

Второто полуфинале на турнирот ја носи пресметката на гигантите од спортивните краеви на Европа. Реал Мадрид и ЦСКА Москава ќе се соочат меѓусебе во голема пресметка за место во финалниот дуел.

„Беше тешка година за нас, имавме проблеми со повреди, но и покрај се стигнавме до овде. Среќни сме што дојдовме  на финалето од сезоната каде само два натпревара не делат од титулата. Од аспект на тренер можам да кажам дека сме максимално фокусирани и дека момците се подготвени“ – вели во пресрет на мечот со ЦСКА, тренерот на Реал Мадрид, Пабло Ласо. 

Од четворката кој ќе се бори за торфејот во гламурозното белградско спортско здание, Реал Мардид е најуспешниот состав со девет евролигашки титули, ЦСКА има седум, а Фенербахче и Жалгирис по една.

Се вчитува...