47. епизода од мега – серијалот Федерер VS Ѓоковиќ

Повратникот на лидерската позиција на АТП листата, Новак Ѓоковиќ води со 24-22 во меѓусебните пресметки со најтрофејниот во историјата, Роџер Федерер, во пресрет на полуфиналниот дуел на великаните на светскиот тенис на Мастерсот во Париз.

Српскиот тениср го доби и последниот дуел, во финалето на турнирот во Синсинати кога освои една од четирите големи титули во период од само пет месеци. Федерер пак е во потера по историска 100. АТП титула во кариерата, но за тоа има уште две скалила, а првото е највисоко.

„Посакувам да играм добро и ќе се обидам да го победам. Тоа ќе биде многу тешко бидејќи тој е во одлична форма, но немам што да загубам. И јас ја сакам оваа подлога, сакам да играм во сала, ги освоив титулите во Ротердам и во Базел, па мислам дека можам и овде“ – вели Федерер.

Ѓоковиќ од понеделник ќе биде број еден на АТП листата, но засега уште ја нема добиено битката за водечката позиција на крајот од годинава. Затоа вели, клучниот тунир му е финалето од сезоната.

„Секогаш сум возбуден кога треба да игрaм против Федерер. Дојдов без големи очекувања во Париз бидејќи бев преморен од Базел. Приоритет ми е Лондон, но кога веќе дојдов далеку овде, морам да бидам најдобар што може. Се надевам дека се ќе биде во ред“ – најавува Ѓоковиќ.

Српскиот тенисер имаше сериозни потешкотии во Пaриз, се намачи против Чилиќ во четвртфиналето. Дополнително неговиот тим објасни дека Ѓоковиќ се бори со настинка во текот на целиот турнир.

 

 

Се вчитува...