500 денари билет за навивачите на Партизан во СЦ „Јане Сандански“, 300 и 400 денари за „домашните“

Еден од најатрактивните натпревари кои ќе бидат одигарни во Скопје оваа сезона ќе биде гостувањето на евролигашот Партизан кој во нашиот главен град доаѓа следниот понеделник (10.10) со најтрофејниот тренер во историјата на Евролигатата, Жељко Обрадовиќ. Дуелите против „црно-белите“ во минатото донесоа голем интерес во јавноста, а очекувањата се така да биде и сега и покрај неатрактивниот термин за одигрување на мечот од 16 часот.

А, за средбата која ќе се одигра во СЦ „Јане Сандански“, МЗТ Скопје денеска ги пушти во продажба картите кои се од 300, 400 и 500 денари. Најскапи ќе бидат за симпатизерите кои сакаат да го поддржат белградскиот гигант со негови обележја. За нив се предвидени блоковите 2,3,4,5 и А2 и доколку бидат забележани со „црно-бели“ обележја на друг дел од трибината ќе бидат отстранети од спортскиот објекет.

„Согласно безбедносните насоки од МВР, а според Законот за спречување насилство на спортските терени (ЗСНСТ), за навивачите, симпатизерите и за сите останати кои сакаат средбата да ја следат со обележја, знамиња или да навиваат за Партизан е обезбеден посебен дел во салата „Јане Сандански“. Станува збор за Блоковите 2,3,4,5 и А2, кои ќе се продаваат по цена од 500 денари, а кои црно-белите фанови ЗАДОЛЖИТЕЛНО ќе мора да ги поседуваат. Во спротивно, ако бидат забележани на друго место во салата, веднаш ќе бидат отстранети од спортскиот објект“, стои во дел од соопштението на МЗТ Скопје.

Останатите кошаркарски вљубеници од државата ќе може да купат билети од 300 и 400 денари.

Се вчитува...