Каратистите на Макпетрол ќе настапат на силниот интернационален турнир во Ријека овој викенд. На турнирот ќе настапат 1650 каратисти и каратистки кои доаѓаат од 26 држави од целиот свет, во повеќе возрасни категории.
Тренерот Бошко Заборски изјави дека „макпетролци“ подготвени одат на турнирот и додаде дека ова за нив претставува последна проверка пред настапот на Светското првенство посебно за репрезентативците на Македонија: Петар Заборски, Моника Пендаровска и Анѓела Мојсовска, кои во втората половина на месец октомври треба да заминат за Тенерифе, Шпанија.
„На овој турнир одиме да го постигнеме тоа што го имаме зацртано. Најважно е да успееме да ја истемпираме формата на нашите кандидати кои треба да земат учество на Светското младинско првенство кое ќе биде во Тенерифе, Шпанија, и ова секако дека претставува последна шанса тие да се сретнат со преставници на својата возрасна категорија постари јуниори –ки (У21). Турнирите од Светската премиер карате лига се само за сениори-ки, и од таа причина ние како клуб одлучивме дека нашите спортисти треба да имаат средба и со нините врсници од младинските состави на 26 држави“, истакнува Бошко Заборски.
По ова, следи и друг предизвик за каратистите на Макпетрол.
„Веќе следниот викенд во Салцбург, Австрија, е Светската Премиер лига, меѓутоа зависно од резултатските постигнувања и прикажаните борби, ние дополнително ќе одлучиме дали нашите млади спортисти ќе земат учество и на оваа лига која треба да биде и последна турнирска проверка пред светското првенство. Списокот кој го направив го сочинуват: Емилија Чешмаџиева категорија -50 кгр, Ева Блажевска категорија + 60 кгр, Моника Пендаровска категорија -55 кгр, Давид Рамадановски категорија -63 кгр, Абдурахим Идризи категорија -55 кгр, Анѓела Мојсовска категорија -68 кгр. и Петар Заборски категорија -75 кгр“, – дополни Заборски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА