Вардар вчера загуби со 0-5 од Зенит во својот прв историски натпревар од групната фаза во Лигата на Европа, а остана „покус“ и за околу 40.000 евра, кои ги уплати на сметката на ЈПССДП, за изнајмување на стадионот „Филип Втори“ за мечот од Лигата на Европа. Цените се речиси тројно зголемени, а спортскиот директор Дарко Панчев, малку и на шега, вели дека „Вембли“ во Лондон не е толку скапо да се изнајми.
„Целта на државата, на градот и на сите институции е да ги помага спортските клубови, а не да ги брка од стадионот. Со ваков потег се бркаат клубовите. Денес е Вардар, утре може да биде Шкендија, Пелистер, Работнички. Претпоставувам дека да се закупи „Вембли“ за овој меч, не чини толку. Не ни е јасно, зошто тие го направија тоа. Јас како поранешен спортист можам да кажам дека така не се помагаат и стимулираат клубовите“, изјави Панчев.
ЈПССПД, кое порано беше спонзор на Вардар, и стадионот според посебен договор му го изнајмуваше бесплатно, со новиот ценовник бара по 3.000 евра за дневен меч во првенство, а 6.000 евра за ноќен термин. Но, тоа не е само за Вардар, туку и за останатите македонски клубови. А Вардар ќе мора да плати по 37.200 евра+ДДВ, и за секој од наредните два меча во групната фаза од Лигата на Европа.
Фото: www.fkvardar.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА