Бугаринот Венцислав Ајдарски е победник на првото издание на Олимпискиот маратон на 10 километри кој денеска се одржа во водите на Охридското езеро, а на кој партиципираа 12 пливач(к)и.
Ајдарски се запишува како прв победник на овој маратон, откако во фото финиш за дел од секундата беше подобар од Холанѓанецот Марсел Шутен, пливајќи ја патеката со време од 1 час, 54 минути и 48 секунди. На третото место заврши македонскиот пливач Александар Илиески, кој следниот викенд ќе плива и на традиционалниот Охридски маратон.
Во женска конкуренција триумфираше 14-годишната Василики Кадоглу од Бугарија со време од 2 часа, 20 минути и 37 секунди, а втора беше Тјаша Возел од Словенија.
Желбата на организаторите на трката, која се одржа под мониторинг на ФИНА, се Охридскиот олимписки маратон веќе од следните години да биде вметнат и во календарот на Светската пливачка федерација.
ФОТО: www.ohridnews.com.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА