Еден од најдобрите македонски планинари и планински тркач Александар Кирковски од ПК Македон успеа да го искачи и симне највисокиот врв на Алпите, Мон Блан (4810 м.н.в) за одлични 6 часа и 26 минути, време што освен што претставува македонски брзински рекорд е едно од најдобрите постигнувања и во светски рамки.
Одличните резултати во полето на брзински високогорски искачувања за Кирковски продолжуваат со уште едно сериозно време направено на Мон Блан. Тој успеа да го искачи и симне Мон Блан по класичната француска рута за фантастични 6 часа и 26 минути, рута која вообичаено се качува 2 до 3 дена.
Почетокот на искачувањето беше од последната станица на трамвајот Мон Блан – Нид д’ Аигле 2372 мнв каде најпрво по каменест и технички терен се движи до планинарскиот дом Тет Рус 3167 мнв, па следи искачувањето на монбланската стена која се одликува со значителна стрмнина до домот Де Гуте 3815 мнв. Оттаму рутата продолжува по глечер до бивакот Валот 4362 мнв, откаде се пристапува кон сртот за врвот Мон Блан 4810 мнв кој е и највисокиот врв на Алпите.
Искачувањето започна во 5 часот и 10 минути наутро, Кирковски успеа да го искачи врвот за 4 часа и 8 минути и да го спушти по истата рута за 2 часа и 18 минути. Ова претставува кумулативно време кое ги вклучува и паузите за освежување и логистика. Пред домот Де Гуте, на отприлика половина рута, Александар имаше една логистичка поддршка од Игор Јовановски од ПСД Макпетрол кој го снабди со потребната дополнителна опрема и течности.
Ова е втор посериозен резултат на Александар во брзинското искачување на повисоките планини оваа година откако во мај како дел од првата македонска екипа на Ред Фокс Елбрус трката, тој успеа да го искачи Елбрус (5642 мнв) за 5 часа и 35 минути со што го постави и најдоброто време од еден наш планинар.
Искачувањето е дел од програмата на Федерацијата на Планинарски Спортови на Македонија, а подвигот, Александар и Игор го посветија на големиот пријател на планината кој прерано замина, Филип Чакаров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА