Поранешниот македонски репрезентативец Филип Ивановски се реши за нов интернационален предизвик, селејќи се во Србија и потпишувајќи договор на една сезона со прволигашот Јавор. Откако претходно настапуваше и во Полска, Кипар и Казахстан, искусниот голгетер ланската сезона ја мина во Работнички, тим на кој му помогна да обезбеди излез во фудбалска Европа.
Тој сепак се реши летово да го напушти таборот на „романтичарите“, а од неколкуте понуди на негова адреса ја избра онаа на Јавор. Спортскиот директор на српскиот прволигаш, Никола Лишанин, не го криеше задоволството од ангжаманот на македонскиот голгетер.
„Успеавме да го доведеме играчот кој веќе извесно време го посакуваме. Сметаме дека тој е вистинско играчко засилување и дека ќе ни помогне во остварувањето на целите за новата сезона – борба за плејофот. Со овој потег ја засиливме конкуренцијата во нападот и се надеваме на подобра реализација на шансите. Ивановски зад себе има успешна фудбалска кариера, но по првпат му се укажува шанса да игра во Србија, очекувам да се прикаже во вистинско светло“ – изјави Лишанин за српските медиуми.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА