Пандев раскина со Џенова, си бара нов клуб во Италија

Горан Пандев од вчера и официјално е слободен играч, по истекот на актуелниот договор со Џенова и завршувањето на соработката со овој клуб. Иако одредени информации велеа дека македонскиот капитен би можел да мине уште една сезона во Џенова, челниците на клубот и тренерот Јуриќ сепак решија да не ја активираат клаузулата за продолжување на соработката.

Минав две прекрасни години во Џенова и сакам да им се заблагодарам на сите. Што е следно? Не знам, се што можам да кажам е дека би сакал да најдам нов клуб во Италија бидејќи мојата желба е да се пензионирам овде. Имам неколку опции, наскоро ќе ја донесам конечната одлука“ – изјави Пандев за италијанските медиуми.

Македонецот долго време беше без калчолигашки погодок за Џенова за конечно да блесне кон крајот на минатата сезона, постигнувајќи важни голови во битката за опстанок. Тоа сепак не беше доволно за да ги убеди челниците на клубот да му понудат нов договор, но јасно е дека играч со реномето на Пандев, кој со успех настапувал за Лацио, Интер и Наполи, ќе нема проблем да најде нов ангажман на Апенинскиот полуостров.

Се вчитува...