По зимската пауза, Барселона се враќа во натпреварувачки ритам и ја продолжува победничката серија во АСОБАЛ лигата. Каталонскиот гигант во чиј состав се македонските интернационалци, Кире Лазаров и Борко Ристовски, славеше победа на гостувањето против Гранолјерс со 20-31, во натпреварот од 16.коло во шпанската лига.
Лазаров беше стрелец на четири гола од девет шута, со еден гол повеќе, најефикасен во составот на Барселона беше Аитор Арињо. Ристовски на овој натпревар остана на клупата, а на голот на Барселона сигурна партија имаше Гонзало Перез де Варгас со 17 одбрани.
Фаворитската улога и доминацијата на Барселона и на овој меч, во ниеден момент не беше доведена во прашање. Во првиот дел повеќе се експериментираше што донесе малку голови на двете страни (6-11). Но, потоа во второто полувреме Барселона одигра во препознатливиот ритам, постигна речиси двојно повеќе погодоци и на крај рутински ја запиша 16 победа сезонава со убедливи 11 гола разлика.
Со максимални 32 бода, Барселона е неприкосновена на лидерската позиција на табелата и без конкуренција во борбата за нова шампионска титула во АСОБАЛ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА