ТФТ загуби од Кожув, но остана на врвот

Плејоф доигрувањето во Супер-лигата и официјално заврши вечерва, со дуелот во Гевгелија во кој Кожув славеше со 91-79. Натпреварот немаше преголемо значење ако се знае дека ТФТ секако беше прв во пресрет на плејофот, додека Кожув остана на петтото место, недоволно за пласман во Топ 4, зад екипата на Маџари која е хит на сезоната.

Гостите беа преморени по пеколниот распоред од настапи во АБА2 и во домашниот шампионат, што се одрази врз нивната игра и конечниот исход на натпреварот. Кожув одигра мотивирано од почеток до крај, максимално користејќи ги своите шанси и со ефикасен напад стигна до посакуваниот резултат, победнички заокружувајќи ја оваа сезона.

Првата четвртина беше ултра-ефикасна и заврши со 31-25 за Кожув, домашниот тим знаеше како да ја одржува, па дури и да ја зголеми предноста до самиот крај, славејќи со конечните „плус 12“.

Бојчев ги предводеше стрелците на Кожув со 16 поени, еден помалку постигна Василевски, додека Ќириловски го заврши овој меч со 14 поени зад своето име. Ташовски имаше 24 поени за ТФТ, Стојанов реализираше 19, додека Тома Стојаноски го заврши дуелот со дабл-дабл од 17 поени и 13 скокови.

По завршувањето на оваа фаза, на ред е полуфиналето од плејофот кое се игра до две победи. Во полуфиналните пресметки ќе се сретнат ТФТ и Маџари, односно МЗТ Скопје и Пелистер.

Се вчитува...