Хрватска со значително изменет состав во однос на претходните големи натпреварувања стигна до полуфиналето од овој мундијал, па вечерва против Норвешка ќе игра за место во големото финале во Париз. „Коцкестите“ се максимално мотивирани во пресрет на дуелот со нездодниот противник, но хрватските медиуми потсетуваат и на една непријатна традиција која вели дека нивните ракометари никогаш не славеле на полуфинален дуел на големите натпреварувања што се играл на 27 јануари.
Незгодната традиција почна на ЕП 2012 во Србија, каде на натпреварот во Белград Хрватите важеа за фаворити во пресметката со домаќинот. На крајот, на семафорот стоеше Србија 26 – Хрватска 22, дуел што ќе остане запаметен и по бројните инциденти на трибините, од кои настрада српскиот ракометар Шешум, кој беше удрен со метална монета во пределот на окото, па потоа го пропушти големото финале.
Една година подоцна, Хрватска стигна до полуфиналето и на мундијалот во Шпанија, каде налета на Данска. „Коцкестите“ загубија со убедливи 24-30, меч во кој Егерт беше во главна улога со девет гола, додека Ландин беше одличен на голот со 16 успешни интервенции. И во Барселона, идентично како и една година претходно во Белград, Хрватска на крајот мораше да се задоволи само со бронзениот медал.
„Проклетството“ се повтори и на последното Европско Првенство, минатиот јануари во Краков, каде Хрватска загуби со 33-29 од Шпанија. Мирко Алиловиќ имаше очаен настап, по што ја заврши својата репрезентативна кариера, а Хрватите на крајот повторно стигнаа само до бронза.
Дали серијата ќе продолжи и вечерва, останува да се види, но јасно е дека предизвикот пред избраниците на Бабиќ е огромен бидејќи Норвешка игра извонреден ракомет и сигурно ќе биде и повеќе од достоен ривал во ова полуфинале.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА