Полуфиналниот дуел на СП, меѓу Словенија и Франција, носи и тренерски дуел на две големите ѕвезди на светскиот ракомет – Веселин Вујовиќ како селектор на Словенија и Дидие Динар на клупата на Франција.
И едниот и другиот знаат што значи да се освои златото на Светско првенство. Вујовиќ, најдобриот играч во светот во првиот избор на ИХФ во 1988 година, единстевната титула светски шампион ја освои со репрезентацијата на поранешна Југославија на СП 1986 во Швајцарија. Сега, 31 година подоцна, во полуфиналето на СП во Франција, тој повторно се бори за медал, сега како селектор на Словенија. Репрезентацијата на Словенија ја презеде во 2015 година, летово ги однесе Словенците на ОИ во Рио, а сега е во завршницата на СП.
„Нашата цел прво беше пласман меѓу осумте најдобри. Кога го поминавме осминафиналето ги прашав моите играчи – а зошто да се задоволиме со толку? И сега сме меѓу четирите најдобри репрезентации. Дали сме задоволни да бидеме четврти? Ајде да направиме се што можеме за да победиме, затоа што тогаш ќе имаме медал! Франција е фаворит, тоа е јасно. Но, убавината на спортот е во тоа што не победува секогаш фаворитот“ – вели Веселин Вујовиќ, победнички расположен пред завршницата на СП.
На спротивната страна е Дидие Динар, некогаш синоним за одбраната на Франција, сега селектор на актуелниот светски шампион. И Динар како Вујовиќ добро знае какво е чувството на победничкиот подиум. Првата шампионска титула со Франција како играч, Динар ја освои пред 16 години. На мундијалскиот подиумот се искачи и како помошник на Клод Онеста. Сега ќе се обиде тоа да го оствари и како прв тренер на „експертите“.
„Обезбедивме најмалку што можевме да обезбедиме, а да не е неуспех за нас. Работите досега се одвиваат добро за нас. Ќе настојуваме да одиграме смирено. За мене е најважно да се почитува нашиот план на игра“ – истакнува францускиот селектор.
И Дидие Динар и Веселин Вујовиќ имаат акумулирано огромно искуство од играчките денови кое секој на свој начин сега го пренесува на своите ракометари, посебно пред вакви важни натпревари. Кои совети ќе бидат подрагоцени вечерва и кој подобро ќе се носи со својата позиција?
„Ако се водиме од искуството на вакви натпревари, тогаш Динар ќе има полесна задача во однос на мене. Но, ова полуфинале е полесно за мене. Тој мора да победи, а јас немам што да загубам“ – вели Вујовиќ.
Од своја страна Динар е свесен за искуството на својата репрезентација во вакви дуели, но и за недостатокот на свежина во играта во одредени моменти.
„Искуството е на наша страна. Овие играчи имаат одиграно многу вакви дуели. Но, имаме многу играчи кои играат тешки натпревари. За нас е важно да имаме што повеќе ротации за да добиеме на свежина“ – вели Динар.
Вујовиќ и Динар своевремено беа ѕвезди на теренот, сега се победници на клупата. И двајцата се свесни дека вечерашното полуфинале за нив ќе биде посебно. За победничкиот дух на Вујовиќ и за младиот тим на Словенија предизвикот е да се стигне до прв мундијалски медал. За Динар да докаже дека е достоен наследник на Онеста и да и донесе на Франција нова титула, сега пред домашната публика.
„Во ваквите натпревари се ужива и на терен и на клупа. Каков и да биде исходот, привилегија е да се биде тука и да се игра пред 16.000 публика во Париз“ – во свој стил заклучува Веселин Вујовиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА