Барселона очекувано лесно и убедливо славеше на домашен терен против Хуеска во рамките од 16. коло од АСОБАЛ-лигата (33-20), како загревање за претстојниот натпревар од Лигата на шампионите, пред своите гледачи против Вардар.
Триумфот е сосема очекуван, па затоа многу поважно за каталонците е што на оваа средба својот камбек на терените го имаа голем дел од играчите кои поради повреда паузираа во изминатиот период. Така, Гонзало Перез де Варгас застана на голот во последните петнаесетина минути и покажа дека повредата од ЕП е минато, а покрај него својот камбек во дресот на Барса го имаше и Словенецот Доленец, како и Нгесан и Жалуз, кои исто така извесно време се жалеа на повреди.
Денешниот натпревар беше решен во првото полувреме што каталонскиот гигант го доби со 17-7. Хуеска потоа изненади постигнувајќи десет гола за само 13 минути игра во вториот дел, намалувајќи на 22-17, за потоа Барса повторно да ја преземе контролата над играта и резултатот и на крајот рутински да дојде до својата 15. победа сезонава.
Борко Ристовски немаше свој ден и го заврши мечот со скромни пет интервенции, додека во нападот најефикасни кај Барселона беа Гомез и Арињо со по осум и Виктор Томас и Нгесан со пет погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА