Нант немаше сили за сензација во Париз откако тимот на нашиот Кире Лазаров го загуби дербито на второто коло во француското првенство против ПСЖ со резултат 32-29.
Лазаров и соиграчите добро парираа во првото полувреме, во кое имаа само два гола негатива (18-16). Со двата брзи погодоци на Лазаров тимот на Нант намали на 19-18 на почетокот од второто полувреме, но тоа беше се што Нант успеа да стори, потоа „светците“ заиграа во својот препознатлив ритам и набрзина поведоа со шест гола разлика. Извонреден во овој период беше голманот Жерар, кој одбрани бројни удари на гостинските ракометари, меѓу нив и два седмерци, па ПСЖ заслужено триумфираше со конечни 32-29, по двата гола на Нант во последната минута.
Лазаров постигна четири погодоци, но имаше дури шест промашувања, додека најефикасни во таборот на „светците“ беа Сигурдсон со седум и Лука Карабатиќ со пет погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА