Ваучерите пак направија проблем – прволигашите одбиваат да играат ракомет

Ваучерите наместо да помогнат, повторно предизвикуваат хаос во македонскиот спорт откако стартот на Првата лига во ракомет е одложен поради неисполнетото ветување на Агенцијата за млади и спорт до клубовите, за нивно вклучување при распределбата на средствата. Екипите кои се дел од Првата лига веќе ги информирале челниците на федерацијата за својата одлука, по што станува јасно дека новата прволигашка сезона нема да стартува викендов, како што беше предвидено.

Овие клубови од второто по ранг натпреварување (највисоко е Супер-лигата) најавија штрајк уште во текот на летото, но тогаш на средбата со претставниците на АМС и на Ракометната Федерација на Македонија им беше ветено дека ќе бидат ставени во комбинација при распределбата на дополнителните средства. Тоа требаше да се случи на почетокот од месецов, но откако Владата на последната седница не ги изгласа тие промени, стана јасно дека клубовите пак ќе останат изиграни.

Најавите дека средствата наскоро ќе бидат одобрени не се доволно добри гаранции за клубовите, кои веќе немаат верба во ветувањата од Агенцијата за Млади и Спорт. Предупредувајќи дека егзистенцијата им е доведена во прашање бидејќи повеќе не добиваат ниту општински пари со образложение дека ќе добијат ваучер, ракометните прволигаши се наоѓаат во незавидна ситуација. Ова е уште еден во низата докази дека Законот за ваучери е чисто промашување како единствена мерка во спортот, откако беше најавен само како дополнителна помош, но потоа беше избришано старото законско решение со кое компаниите можеа да инвестираат во спортските колективи.

Се вчитува...