ЕКИПА во Варшава,
Владимир Булатовиќ
Македонските репрезентативци не го криеја синоќа разочарувањето од поразот од Полска во Варшава и пропуштената можност преку регуларниот квалификациски циклус да се обезбеди пласман на ЕП. Без сомнение, позитивна новина со променета „матрица“ меѓу репрезентативците која само навестува, и преку октомврискиот квалификациски циклус, дека оваа генерација чекори по вистинскиот пат.
„До пред овој квалификациски циклус се радувавме еуфорично на секој освоен бод против фаворитите, а сега еве сме разочарани што загубивме од Полска и што пропуштивме можност да одиме на ЕП. Сето тоа доволно зборува за оваа репрезентација, и за менталниот склоп на овие фудбалери. Верувајте допатувавме во Варшава со отворена желба за победа, и тоа не беше само фраза за пред јавноста но наша искрена цел. Да, свесни сме дека мораше подобро, но сепак се соочивме со навистина силна селекција. Во секој случај, иако сега сме разочарани, мора да одиграме најдобро што можеме на последните два дуели со Австрија и со Израел и да се обидеме да дојдеме до третото место. Секако, клучната цел е Лигата на нации и тие два натпревари за пласман на ЕП“ – вели офанзивецот на Удинезе, Илија Несторовски.
Безмалку слично е размислувањето и на Бобан Николов, кој потенцира дека нашата пат кон ЕП 2020 се уште трае… Австрија и Израел следниот месец треба да се еден вид добра подготовка за тоа што не очекува во полуфиналето од Лигата на нациите во март следната година.
„Главата горе…. Мора со чисти мисли да се впуштиме и кон дуелите против Австрија и Израел и да одиграме најдобро што можеме. Треба мирно и паметно да се фокусираме потоа кон Лигата на нациите која е нашата вистинска шанса за пласман на ЕП“ – вели Николов.
За Македонија останува битката и за третата позиција во Групата Г од актуелниот квалификациски циклус. Затоа што и не е сеедно дали би биле трети или петтопласирани во групата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

