Новак Ѓоковиќ не се откажува од дискусија на тема „Вакцина за Ковид19“, откако српскиот тенисер пред неколку дена изјави дека не би сакал да прими вакцина за оваа болест. Ваквиот коментар на најдобриот светски тенисер во моментов наиде на бројни критики од медицински лица, но и од поранешни тенисери како Енди Родик, но Ѓоковиќ не се повлекува од мислењето што го има.
„Јас не сум стручњак, но сакам да имам опција да изберам што е најдобро за моето тело. Малку сум збунет, како и остатокот од светот. Ќе продолжам да истражувам на оваа тема бидејќи е важна и влијае на сите нас. Иако имам пристап до бројни информации, сепак не сум сигурен што е најдобро да се стори во оваа ситуација“, истакна Ѓоковиќ.
Претходно, на ваквиот став на тениската суперѕвезда реагираше Предраг Кон, угледен епидемиолог и еден од членовите на српскиот Кризен штаб во време на коронавирусот.
„Како еден од најверните фанови на Ѓоковиќ, би сакал да имав можност да му го приближам значењето и огромниот придонес на имунизацијата за здравјето на населението. Сега е доцна, тој создаде погрешно мислење и веќе нема помош. Мајсторе, ти посакувам се најдобро, но во иднина обидувај се да избегнеш директни одговори на прашања во врска со вакцинацијата, бидејќи има огромно влијание врз луѓето“, му порача Кон на Ѓоковиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

